Центарот за целодневен престој на децата со зголемен капацитет за уште 120 деца

Home / Вести / Центарот за целодневен престој на децата со зголемен капацитет за уште 120 деца

По позитивното искуство од минатата година со отворањето на една група за целодневен престој во Клон 2 на градинката „Детска радост“ што беше како пилот проект и зголемениот интерес на родителите за ваков вид на згрижување на нивните деца, од денеска во функција се ставени и нови простории за целодневен престој на деца од 6 до 10 години. Обезбедени се соодветни просторни услови, опрема и дидактички средства, вработени се стручни кадри кои ќе се грижат за воспитно – образовниот процес на децата, а кои ќе добиваат и по два оброка.

 

Дечињата згрижени во новите простории ги посетија градоначалникот Коста Јаневски, претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски и членови на истиот. Во изјавата за медиумите градоначалникот Јаневски потенцираше дека проширувањето на Центарот за целодневен престој е дел од општинскиот проект Струмица – грижлив град. Се адаптираа нови простории, оние простории кои порано ги користеше средното училиште „Јахја Кемал“, а кои всушност и пред тоа беа градинка, што значи се правени типски, онака како што треба по сите норма за ваква возраст, а сега ги преуредивме со што го проширивме капацитетот на Центарот за целодневен престој, оти очигледно има таква потреба. Минатата година оваа пракса ја започнавме со околу педесетина деца, а годинава околу 120 дечиња ќе бидат згрижени во овие простории и мислам дека интересот ќе биде уште поголем. Со нетрпение го очекуваа родителите, а јас сум особено горд што овој проект ни се вклопува во нашиот општински проект кој што подразбира концепт на Струмица – грижлив град. Тоа значи дека покрај детската заштита, помагањето во обезбедувањето на поквалитетен едукативен процес на децата во образованието, овој проект понатаму се проширува со следен чекор за повозрасните категории. Веќе имаме една апликација до Министерството за труд и социјална политика, со која покрај најмалите категории кои секако се темел и најголемото богатство на нашата општина, се грижиме и за постарите категории со тоа што ќе понудиме одредени услуги и сервиси кон најстарата популација со цел да им го олесниме животот во понапредните години, рече градоначалникот Јаневски.Обезбедени се соодветни просторни услови, опрема и дидактички средства, вработени се стручни кадри кои ќе се грижат за воспитно – образовниот процес на децата. Децата ќе добиваат по два оброка.