Во рамките на проектот на „Инклузија на децата кои се надвор од училиштата во образовниот систем“, кој се реализира од Детската Фондација Песталоци од Швајцарија, денеска во кабинетот на градоначалникот Костадин Костадинов, беше потпишан Меморандум за разбирање.
Со овој меморандум се формализира соработката меѓу Детската Фондација Песталоци и општина Струмица за поддршка на спроведувањето на локални активности кои придонесуваат кон спроведувањето на Националниот стратешки план за образование во Република Северна Македонија 2021-2023 со цел развој на инклузивен интегриран образовен систем, преку приоритетот „Создавање образование кое е во најдобар интерес на децата и кое му овозможува на секој ученик да го достигне својот полн потенцијал“.
Една од целите на овој проект која произлегува од одредбите на меморандумот е обврската дека општината ќе обезбеди ефикасна и ефективна поддршка за основните училишта при спроведувањето на прилагодената наставна програма за образование на деца кои не биле вклучени во настава, а се со надмината возрасна граница за вклучување во соодветно одделение на основно образование.
На работната средба со градоначалникот Костадин Костадинов, со свои претставници присуствуваше г-ѓа Азбија Мемедова, национален претставник на Детската Фондација Песталоци за Република Северна Македонија.
Од страна на претставниците на Фондацијата, на градоначалникот му беше претставен проектот, со презентација за главните обврски на Детската Фондација Песталоци, обврските на општината и училиштата, со очекуваните резултати, за периодот на времетраење на овој проект до декември 2023 година.
Градоначалникот Костадин Костадинов го изрази своето задоволство, што општина Струмица се вклучува во овој проект и има можност да ја даде поддршката за образование на децата што се со надмината возрасна граница и што се надвор од воспитно-образовниот систем.
Во овој проект се вклучени две општински основни училишта „Маршал Тито“ и „Никола Вапцаров“ од Струмица.