Градоначалникот Костадин Костадинов со своите соработници, денеска го посети реконструираното подрачно училиште „Сандо Масев“ во Баница. Споделувајќи го задоволството со учениците и наставниот кадар, тој рече дека со оваа реконструкција практично се заокружени сите основни и средни училишта во општина Струмица и обезбедени солидни услови за одвивање на воспитно – образовниот процес.
Со реконструкцијата целосно беше променет кровот на училиштето, внатрешно и надворешно е сменет и оштетениот малтер, заменета е подната облога, поставен е нов котел на пелети и извршена е комплетна реконструкција на санитарните јазли. Со оваа реконструкција на училиштето во Баница уште еднаш ги потврдуваме нашите заложби дека за нас зборот е збор и ако нешто сме ветиле на територијата на општина Струмица, дали станува збор за урбаниот дел или населените места, ние тоа го реализираме, рече градоначалникот Костадинов. Ова е дело на плодната соработка помеѓу општина Струмица и Министерството за образование. Проектот чини 9 милиони денари и со задоволство сакам да најавам уште многу проекти во делот на образованието. Затоа, благодарам на поддршката којашто ни ја давате, ваше е да не мотивирате, а наше да работиме во ваш интерес, рече градоначалникот Костадинов.