Денес се навршуваат девет години од оној 23 јули 2012 година, кога големиот пожар предизвикан од човечки фактор, а кој избувна на струмичкиот рид, над периферијата од градот, беше причина четворица граѓани трагично да го загубат својот живот. Струмица вечно ќе ги памети имињата на браќата Блажо Стојков и Пено Стојанов од Рич, Мите Ѓоргиев од Струмица и Војо Гркљанов од Вељуса кои храбро се бореа со огнената стихија и со натчовечки напори се обидуваа да спречат, огнените јазици да ги зафатат и куќите од горниот дел на градот.
Денеска, за жал се потсетуваме на една трагедија којашто ја зафати нашата Општина на денешен ден, 23 јули, пред девет години. Четворица наши сограѓани загинаа спасувајќи го градот и имотите на нашите луѓе и го платија тоа со својот живот. Блажо Стојков, Пено Стојанов, Мите Ѓоргиев и Војо Гркљанов ги дадоа своите животи и не оставија да се сеќаваме на нивната храброст и пожртвуваност и воедно да не предупредуваат, вакви немили настани повеќе да не се случуваат, рече градоначалникот Јаневски.
Во знак на почит, градоначалникот Коста Јаневски со членови на Советот положи свежо цвеќе пред Споменикот подигнат во нивна чест, а цвеќе положија и членови на семејствата и претставници на политички партии.