Преку општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми „Систем 48“ во изминатата 2022 година биле решени 710 проблеми од вкупно пријавените 765 од страна на граѓаните. За останатите 55 е потребно повеќе време и истите се проследени до надлежните служби и се во процес на решавање. Најголем број од пријавите доставени до „Систем 48“ се од областа на уличното осветлување 601, собирање смет 69, водовод и канализација 46, паркови и зеленило 40, општински инспекциски служби 1 и 8 за улици, патишта и тротоари. Целта на општинскиот сервис „Систем 48“ е зголемување на транспарентноста на јавно достапните услуги кои ги нуди општина Струмица, подобрување на нивниот квалитет и професионално решавање на пријавените проблеми. Од „Систем 48“ им благодарат на граѓаните за користењето на нивните услуги и истовремено апелираат да продолжат и понатаму да го користат бесплатниот телефонски број 0800 148 48 за пријавување на проблемите со коишто се соочуваат, а кои се во надлежност на Општината, општинските јавни претпријатија и институции.