Советот на општина Струмица денеска ја одржа седмата седница на којашто беа усвоени повеќе предлог извештаи, одлуки и програми на Општината, јавни претпријатија и локални институции. Советниците го усвоија извештајот за извршувањето на буџетот за четвртиот квартал од 2021 година, годишниот извештај на Општината и предлог-завршната сметка на буџетот за 2021 година.
Во четвртиот квартал од 2021 година, вкупните приходи во Буџетот на општина Струмица имаат реализација од 98 проценти, од кои основниот буџет е реализиран со 104 проценти. Вкупните оперативни расходи се реализирани со 95 проценти а капиталните расходи имаат реализација од 77 проценти во однос на планираните во за 2021 година. Реализацијата на основниот буџет надминува 100 проценти затоа што општина Струмица има добиено 60.000.000 денари од Министерството за транспорт и врски за изградба на социјална населба во Турското маало, проект планиран во Буџетот за 2022 година.
На денешната седница беа усвоени извештаите за реализација на Програмите за активностите на општина Струмица во спроведувањето на проекти финансирани од фондовите на Европската Унија и меѓународната соработка, во областа на локалниот економски развој и туризмот, социјалната и детската заштита, заштитата на животната средина, еднаквите можности на жените и мажите, уредување на градежното земјиште, програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локални патишта и улици, за изработка на урбанистички планови, за активностите на општина Струмица во областа на спорт и млади, образованието и културата, сите за 2021 година.
Зелено светло добија и извештајот за работа, годишната сметка и одлуката за распоредување на остварената добивка по годишната сметка на ЈП „Паркиралишта-Струмица“, ЈПЕД “Струмица гас” и извештаите за работата на библиотеката „Благој Јанков Мучето“, на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ и на општинската јавна установа – Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Јоска Свештарот“ Струмица за 2021 година.
Усвоена е и предлог – одлуката за спроведување на превентивна дезинсекција, дезинфекција и дератизација на подрачјето на општина Струмица за 2022 година.