Советот на општина Струмица ја одржа шесттата седница: Усвоени одлуки за спорт, образование, гас и финансиска поддршка

Советот на општина Струмица ја одржа шесттата седница: Усвоени одлуки за спорт, образование, гас и финансиска поддршка

Советот на општина Струмица ја одржа својата шестта седница, на која присуствуваше и градоначалникот Петар Јанков. На дневниот ред беа усвоени предлог-одлуки, програми, решенија и правилници од повеќе области под општинска надлежност.

Од областа на спортот, донесени беа следните одлуки:

  • Времено користење на тениски игралишта во склоп на Дом на АРМ Струмица на тениски клуб „Нет“ Струмица.
  • Времено користење на фудбалско игралиште во населено место Куклиш на фудбалски клуб „Интер Кукла“.
  • Усвоени беа правилници за утврдување критериуми за распределба на финансиски средства до спортските здруженија и други правни лица во областа на спортот.
  • Правилник за условите, критериумите и постапката за доделување финансиска поддршка за стекнување и унапредување на тренерски лиценци или спортски работници во општина Струмица.

Советниците ја усвоија и предлог-одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти, како и утврдување на надоместок од 6.000 денари за четири метри квадратни на времени објекти поставени на јавни површини за време на одржувањето на Карневалот.

На дневниот ред беше и ЈПЕД „Струмица – Гас“, за кое беа усвоени:

  • Предлог-одлука за задолжување во износ од 20 милиони денари за набавка на природен гас.
  • Одлука за издавање на гаранција за задолжување на ЈПЕД „Струмица – Гас“.
  • Ценовник за приклучување на корисници на дистрибутивната гасоводна мрежа за 2026 година.

Усвоен е и предлог-планот за запишување на ученици во прва година во средните општински училишта во учебната 2026/2027 година, според кој опфатени се 750 ученици.

На седницата беа разрешени и именувани нови членови во комисии, управни и надзорни одбори на дел од општинските јавни претпријатија и институции. Исто така, за шест граѓани беа усвоени одлуките за доделување на парична помош.