Денеска се одржа 17-та седница на Советот на општина Струмица со точки на дневен ред од интерес на граѓаните и развојот на Општината. Најголема дискусија кај советниците предизвика Физибилити студијата за поставување на фотоволтаични централи со кост бенефит анализа за инвестиција на ЈПКД „Кoмуналец“.
Во делот на овие централи, градоначалникот Костадин Костадинов пред советниците потенцираше дека Струмица има кредитен капацитет и ќе го искористи за стратешки цели, а фотоволтаичните централи се долгорочно решение за енергетската криза со која се соочува и целиот свет. Тој упати јасна порака до советниците кои се во дилема за поддршка, дека фотовалтичните централи се иднина кои гарантираат голема заштеда благодарение на капацитетите коишто ги имаме, а тоа ќе значи вложување во поголеми капитални инвестиции.
На седницата се изгласаа и предлог – одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на општина Струмица за 2022 година, Програмата за одржување на улиците во град Струмица и населените места, како и локалните патишта во општина Струмица за 2022/2023 година во зимски услови, Одлуката за задолжување на ЈПЕД „Струмица-Гас“ Струмица кај домашна банка, како и одлуките за издавање гаранција за задолжување и за усвојување на Пречистен текст на Статутот на претпријатието, а усвоен беше и извештајот за неговото работење во периодот од 1 јануари до 30 септември годинава. Беа прифатени и предлог решенијата за разрешување на членови на Управниот одбор и Надзорниот одбор на „Струмица гас“ и именување на нови.
На денешната седница беше усвоен извештајот за работењето на ЈПКД „Комуналец“ во деветте месеци од 2022 година и извештајот од процена на штета од природна непогода – поплава, силен ветар и град на подрачјето на општина Струмица од 29 мај годинава. Усвоена беше и одлуката за доделување парична помош на Далибор Христов од с.Градошорци.