Годинашното 11-то издание на Струмица Опен Фестивал ќе се одржи од 25 јули до 19 август со вкупно 20 настани на повеќе отворени сцени во градот. Градоначалникот Костадин Костадинов денеска одржа работен состанок со координаторите на повеќето од настаните на кој се разговараше за подготвителните активности и програмските содржини.
Фестивалската програма ќе биде разновидна и со одлични понуди и за љубителите на музиката, поезијата, филмот, афоризмите, спортот и тоа што за мене е најважно и сите изведувачи ќе бидат од Република Северна Македонија. Некои можеби ќе се запрашаат зошто се организира фестивал имајќи ги в предвид сите кризи со коишто се соочуваме? Одговорот е едноставен, затоа што на народот му треба живост, особено на Струмица и струмичани коишто по менталитет се навикнати да живеат во град со најразлични содржини, музички концерти и спортски настани и затоа вреди и мора да се организира еден таков фестивал. Сите настани се убави и заслужуваат почит од сите нас, но но нема да бидам Костадин Костадинов ако не истакнам еден што посебно ми лежи на срце, станува збор за најголемата македонска и струмичка музичка легенда, Гоце Арнаудов. За прв пат во државата организираме настан целосно посветен на оваа наша музичка легенда и затоа ги повикувам струмичани, но и граѓаните на цела држава да дојдат да ги следат сите 20 настани и заеднички да го уживаме ова 11-то издание на Струмица Опен Фест, рече градоначалникот Костадин Костадинов. Фестивалот е во организација на Здружението на граѓани „Културен забавен живот“, а поддржан од општина Струмица.