Состојбата со аерозагадувањето беше главната тема на денешната 15-та работна конференција на Локалниот совет за превенција на општина Струмица. На конференцијата покрај редовни членови на Советот, присуствуваа претставници од граѓанскиот сектор, граѓани, претставници на надлежни институциии, како Македонски шуми, Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекции. По дебатата за актуелната состојба, причините и решенијата, беше формирано работно тело кое треба да преземе краткорочни мерки и решенија за загадувањето на воздухот во Струмица.
Градоначалникот Костадин Костадинов кој пред присутните на конференцијата зборуваше за среднорочните и долгорочните мерки за справувањето со аерозагадувањето коишто ги презема Општина Струмица, е оптимист дека со поголема вклученост на локалните и државните институции, судската власт и обвинителството, може да се испорача добра насока за решавање на проблемот.
-Не бараат граѓаните да видиме кој е тука виновен, граѓаните најмалку сакаат да гледаат пинг понг од институциите, кој е надлежен, а кој не е. Овде вреди да се спомне проектот со УНДП кој чини 20 милиони денари, а во кој Општината кофинансира 10 милиони денари, во однос на повеќе мерења внатре во институциите за да ја видиме состојбата со воздухот во самите институции коишто ќе ни бидат индикативни мерки при изготвување на Акцискиот план којшто исто така е составен дел на проектот со УНДП, а ќе биде во насока на испорачување на конкретни мерки и решенија во однос на справување со аерозагадувањето. Како што го решивме проблемот со дивите продавачи долж булеварите и околу пазарот Чешел, сум оптимист дека ќе помогнеме во отпочнувањето со конечното решавање на проблемот со аерозагадувањето. За жал надлежностите се такви какви што се на нашите инспектори, за жал легислативата е таква каква што е и сите тие бирократски процеси, но не смееме да се откажеме, оти тоа е наша одговорност пред граѓаните и најмалку што можеме да направиме е да се посветиме и уште повеќе и поголем фокус да ставиме на оваа проблематика, рече градоначалникот Костадинов.
Кон мерките и решенијата кои ги преземе Општина Струмица, градоначалникот Костадинов ги додаде и имплементацијата на електрифициран јавен превоз и зголемувањето за повеќе од 100 проценти на зелените површини предвидено со новиот Генерален урбанистички план чие донесување го блокира опозицијата, но тој е оптимист дека во рекордно време ќе биде донесен.