Буџетот на општина Струмица за 2023 година изнесува 1.642.012.000 денари

Буџетот на општина Струмица за 2023 година изнесува 1.642.012.000 денари

Советот на општина Струмица на денешната 18-та седница го усвои Буџетот за 2023 година.Вкупниот буџет изнесува 1.642.012.000,00 денари, од кои основниот буџет изнесува 805.098.000,00 денари, 731.326.000,00 денари се блок дотации, 54.385.000,00 денари се однесуваат на самофинансирачки активности на буџетски корисници и 51.203.000,00 се однесуваат на донации. Во однос на донесениот ребалансиран буџет за 2022 година, овој буџет е зголемен за 10 проценти. Во обраќањето пред советниците, градоначалникот Костадин Костадинов рече дека нема поубав ден за Општината и Советот од овој кога се донесе Буџетот за наредната година по пат на квалитетна дебата во текот на целата година која ја завршуваме како продуктивна и успешна за сите.

Главен проект за идната година е Јавниот електричен превоз за кој одвивме 12 милиони денари, со кој Струмица ќе ја направиме единствена во државата со имплементиран ваков проект. Ова е историски момент. Ваквата додадена вредност на Струмица ќе ги охрабрува и идните градоначалници и советници да носат одлуки и реализираат големи проекти. Гордост за мене, за Советот и општинската администрација е фактот што денеска 29 декември, обврските на општина Струмица кон добавувачите се нула денари и тоа при сериозна реализација на капитални и оперативни расходи, што е реткост во државата. Ова е потврда дека одлуките на Советот биле продуктивни, но и потврда дека и во време на многу сериозна економска и енергетска криза, успеавме да менаџираме со парите на граѓаните и тоа на начин каков што тие заслужуваат, рече градоначалникот Костадинов. На денешната седници усвоени се и Програмата за работа на Советот на општина Струмица за 2023 година и сите општински програми и повеќе извешати, програми и одлуки во рамките на работењето на општинските јавни претпријатија и институции.