Струмица е една од петте избрани општини во кои беа спроведени социјални мапирања, конкретно во нашата општина за деца и возрасни лица со попреченост. На денешното презентирање на наодите од мапирањето коешто се одржа во Домот на АРМ, во своето поздравно обраќање градоначалникот Костадин Костадинов зборуваше за заложбите што ги направи и прави општина Струмица за да има живот без бариери за сите граѓани.
Оваа заложба ја реализираме преку финансиската поддршка на Здруженијата на граѓани и Фондации од Општина Струмица од областа на Социјалната заштита за имплементирање на проекти кои ќе го подобрат животот на лицата со попреченост, доделувањето на канцелариски простории за извршување на потребите на здруженијата од социјалната сфера, обезбедување на средства за лични и образовни асистенти на ученици со попреченост вклучени во образовниот процес, бесплатниот превоз за ученици и лица со попреченост со специјалното возило, обезбедување на поддршка на Повеќенаменскиот социјален центар, развивање и испорака на социјални сервисни услуги за помош и нега во домот и услуга за дневен престој на лица стари и напуштени и лица со попреченост, јакнење на менталното и физичкото здравје во рехабилитационите центри и специјалниот фитнес центар во Струмица и многу други. Наодите од социјалното мапирање ќе ги интегрираме во рамките на локалните политики, стратешките, како и акциски документи во областа социјална заштита, но и во другите релевантни локални документи, а со тоа ќе придонесеме кон создавање средина еднаква за сите, еднакви можности за лицата со попреченост, како и поттикнување на развојот и искористување на нивните потенцијали, знаења, способности и вештини, рече градоначалникот Костадинов.