Во чест на Бадник, предвесникот на Христовото раѓање, денеска на градскиот плоштад во Струмица се одржа Хуманитарен Бадникарски концерт 2024. Овој прекрасен настан го организираше Фондацијата „Елеуса“ во соработка со Струмичката епархија и Школата за веронаука при црквата „Св. Кирил и Методиј“, а под покровителство на општина Струмица. Пред одржувањето на Бадниковиот концерт, дечињата од Бадниковата поворка која започна од црквата „Св.Кирил и Методиј“ пристигнаа во општинската зграда каде што беа пречекани од градоначалникот Костадин Костадинов и Викарниот Епископ г.Јаков Стобиски кои на сите им подарија божиќни пакетчиња.
– Ова го организираме по трет пат во соработка со Фондацијата „Елеуса“ при што деца од Училиштето за веронаука и Црковниот хор пеат божиќни песни што е посебна радост за цела Струмица. Имаше во почетоците обиди да се каже дека се косиме со секуларноста, но во текот на годината се потврдува оти секоја недела, секој втор ден во кабинетот на градоначлникот, во Општината, влегуваат деца. Има ли нешто посреќно на овој свет од овие прекрасни деца кои пеат бадникарски песни. Затоа, оваа традиција ќе продолжи и радува фактот што од година во година станува се помасовна, бидејќи лани имавме 80 деца, а годинава имаме 140 и имаме шанса да ги увериме луѓето да ги практикуваат вистиските вредности на овој свет и во овој живот, изјави градоначалникот Костадинов.