Градоначалникот Костадин Костадинов, денеска, имаше средба со претставници на женскиот фудбалски клуб „Тиверија“ Струмица предводени од претседателката на клубот Александра Терзиски и директорот Илија Панов.
На средбата разговараа за тековните активности на клубот, но и за плановите во годината што доаѓа. Девојките од ЖФК „Тиверија“ Струмица моментално се есенски шампиони и се наоѓаат на првото место во првата женска фудбалска лига, а исто така се и на врвот односно на првите места во кадетската и младинската лига на Македонија без ниту еден пораз. Клубот има преку 25 репрезентативки во сите категории почнувајки од пионерките, кадетките и младинките па се до најдобрата А репрезентацијата на Македонија. ЖФК „Тиверија“ Струмица е пример за одлично организиран клуб кој покрај спортските активности се бори за родова еднаквост преку разните активности и проекти кои ги прави, како што е проектот „Да и девојките играат фудбал“ кој ќе се реализира и во наредната 2022 година, разни хуманитарни акции, а во наредната година ќе се реализираат повеќе еколошки акции се со цел подигнување на свеста кај граѓаните.