Денес градоначалникот Костадин Костадинов имаше поздравно обраќање на свеченото отворање на Регионалниот саем на социјалните претпријатија од Југоисточниот регион, во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, заедно со Канцеларијата на регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија од Скопје, а во рамките на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, поддржан од Европската Унија.
Во своето обраќање градоначалникот Костадинов меѓу другото истакна: „Општина Струмица, како исклучително прогресивна, и секако, најголема општина во Југоисточниот плански регион, е голем поддржувач на социјалното претприемништво. Токму затоа, отворено го поздравувам одржувањето на овој Саем, но и сите слични иницијативи и реализации кои ја опфаќаат оваа сфера на делување. Нашата Општина е секогаш подготвена да биде неделив сегмент од се она што значи креирање и имплементирање на модели кои се во функција на едно посовремено градење на патот кон иднината. На тој пат има место за сите луѓе, затоа што сите луѓе без разлика на нивниот социјален статус заслужуваат иднина по нивна мерка“.
Инаку, регионалниот саем на социјалните претпријатија од Југоисточниот регион по вторпат се одржува во нашиот град.