Денес градоначалникот Костадин Костадинов изврши прием за високите претставници од дипломатскиот кор : амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир, заменик амбасадорот Јулиан Васало, амбасадорката на Германија Анке Холштајн, амбасадорот на Словенија Милан Предан, хрватската амбасадорка Нивес Тигањ и заменик амбасадорот на Бугарија Димитар Карастојанов.
На средбата беше разговарано за улогата на младите во општеството и за нивните предизвици и перспективи. Потоа градоначалникот со своите високи гости присуствуваа на одбележувањето на годишнината од постоењето на „Europe house“ во Струмица. На свеченоста се обратија градоначалникот Костадинов и Евроамбасадорот Гир. Во своето обраќање градоначалникот меѓу другото истакна: „Ова европско катче во нашата европски ориентирана Струмица, во изминатата година беше силен поттик за младите струмичани да ги негуваат европските вредности и идеали, силно верувајќи и посакувајќи ја европската иднина на нашата држава“.
Првиот човек на општината со гостите присуствуваа на фото-изложбата на отворено, од едногодишните активности на „Europe House“, како и на културно-уметничкиот перформанс во малиот градски парк, на кој настапија млади и креативни уметници, а на крајот ја посетија и Галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет“.