Заврши јубилејното 30-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“

Заврши јубилејното 30-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“

Со балетската претстава „Болеро“ од Морис Равел во кореографија на Саша Евтимова, а во изведба на Македонската опера и балет, синоќа во НУЦК „Антон Панов“ заврши 30-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

Оваа балетска претстава беше одиграна во чест на актерката Дарија Ризова која ја доби наградата за најдобро актерско остварување. Ризова наградата ја доби за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“ по текст на Аднан Лугониќ, во режија на Нина Николиќ, копродукциска претстава на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција-Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР- Сараево.

Наградата која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, на Ризова и ја врачи претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.

Тој им ги врачи и специјалните награди на актерите Фаик Мефаиловски, Огнен Дранговски и Илина Чоревска, режисерот Васил Христов и на претставата „Злосторство и казна“ во изведба на Драмски куклен тетар од Враца, Бугарија за кои одлука донесе фестивалското жири.