Со симболичното предавање на клучот од градот од страна на градоначалникот Костадин Костадинов на претседателот на Организациониот одбор на карневалот, Александар Цицимов, на платото пред Центарот за култура „Антон Панов“, синоќа, свечено беше отворено годинашното издание на Струмичкиот карневал.
Нема ништо поубаво од чувството на задоволство, поради фактот дека Струмица и струмичани остануваат верни на негувањето на својата вековна традиција под маски. По пауза од две години, поради пандемијата од Ковид – 19, овој наш град повторно има причина да се радува и со полни гради да ги живее еднонеделните Карневалски свечености, рече градоначалникот Костадин Костадинов во своето обраќање.