Започна 18-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Започна 18-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Под мотото „Со нови искуства“ вечерва во амфитеатарот во градскиот парк започна Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ кој годинава го доживува своето 18-то издание. Во овогодишната програмска селекција има дваесет и три исклучителни кратки играни филмови, документарци и анимации кои ќе се натпреваруваат за „Златната“, „Сребрената“ и „Бронзената потковица“ и за неколкуте други награди.

Фестивалот го отвори градоначалникот Костадин Костадинов, а општина Струмица и годинава е финансиски поддржувач.

– За среќа, филмската магија во Струмица се уште трае, а нејзиното главно обележје е Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ кој годинава, на задоволство на љубителите на филмската уметност, го доживува своето 18-то издание. Да имаше фестивалов човечки особености, тогаш вечерва ќе ја славевме неговата полнолетност, а во овие пет фестивалски денови „Астерфест“ ќе го полагаше својот испит на зрелоста. Но, по заслуга на „главниот виновник“ Горан Тренчовски, зрелоста на фестивалов е веќе докажана, а ние сме сведоци како истиот, од година во година, таа зрелост ја потврдува се повеќе и повеќе. Убеден сум дека така ќе биде и овојпат. Во прилог  на таквите наши очекувања оди сериозната програмска понуда со бројни филмови од земјата и странство, зад кои стојат и еминентни филмски автори. Како резултат на тоа, убеден сум дека во петте фестивалски денови, струмичкиот амфитеатар ќе биде вистинското место за споделување љубов, среќа и задоволство, рече градоначалникот Костадинов.