За прв пат е отворен Младински центар во Струмица

За прв пат е отворен Младински центар во Струмица

Младите во Струмица од денеска за прв пат имаат свој Младински центар. Сместен во сутеренот на општинската зграда располага со современи и функционални простории и амфитеатар, каде што можат да се реализираат едукативни активности,  конференции, предавања, изложби, место каде што младите ќе можат да се собираат да ги реализираат своите идеи и иницијативи и како вистински партнери на општина Струмица активно да учествуваат во нејзиниот развој.

За Младинскиот центар кој е најголем во државата, инвестирани се 7.200.000 денари од буџетот на општина Струмица.

Задоволството од реализацијата на првото и најголемо ветување за младите, домаќинот, градоначалникот Костадин Костадинов го сподели со претставници на младинските организации и поголем број гости и пријатели на Струмица.

-Со отворањето на Младинскиот центар уште еднаш потврдив дека за мене и мојот тим, зборот е збор. Струмица центар на младите, беше еден од петте најважни проекти во мојата предизборна програма, а главен столб во него Младинскиот Центар. Во интерес на овој центар уште од првиот ден на мојот мандат се откажав од службениот автомобил што ме следуваше и истиот беше продаден, а средствата ги вложивме во преадаптирањето на неискористениот простор во сутеренот на општинската зграда. Не беше лесно да се преадаптира овој простор кој со години не се користеше, беше магацин и се наоѓаше во многу лоша состојба. Имаше многу работа сето ова да се среди, и планирана и дополнителна која што се јавуваше во текот на преадаптацијата. Беа изведени повеќе градежни зафати за да може овој простор да ја добие бараната намена и функционалност, рече Костадинов.

Градоначалникот Костадин Костадинов потсети и на останатите проекти коишто се реализираа паралелно со проектите за младите. Работено е во сите области  во градот и населените места, согласно интересите и реалните потреби на граѓаните. Завршени  и започнати се големи капитални проекти и други активности, донесени европски искуства и практики кои обезбедуваат поквалитетен живот на граѓаните на општина Струмица.