Струмица вечерва беше домаќин на отворената трибина Македонски труд – европска социјална политика во кампањата „Ние сме Европа“ којашто се одржа во Амфитеатарот во градскиот парк. Учесниците на трибината прв ги поздрави градоначалникот Костадин Костадинов, кој во своето обраќање ги презентираше европските вредности кои Струмица одамна ги практикува.
-Има ли поубаво место да се зборува за Европската Унија од Општината којашто ги споделува боите со неа?
Струмица е европски градител многу одамна и ги споделува европските вредности уште кога во државата и не беше така лесно да се сподели вредност, било каква, а најмалку европска. До пред некое време само зборувавме за интеграцијата во ЕУ, но немавме систем на вредности како опиплив пример за граѓаните. Но, јас сум навистина горд човек и политичар што имаме Влада која силно работи и е во симбиоза со делегацијата на ЕУ и со сите амбасади и која прави пристапот на ЕУ во Република Северна Македонија, да премине и на локално ниво и да стане повидливо за граѓаните. Струмица е примерот којшто треба да се следи. Европска вредност е да понудиме еднакви можности за сите граѓани. Ние тоа и го правиме во сите области, а најмногу во делот на социјалната заштита, рече градоначалникот Костадинов.
На отворената трибина зборуваа и Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој предводи кампањата „Ние сме Европа“, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и Благица Ефтимова проектен асистент за претприемништво за глобален и регионален менаџмент.