Градоначалникот Костадин Костадинов, денеска, присуствуваше на презентацијата на документарниот еколошки филм „Некогаш во Венецуела“ што ја организираа Еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица и Амбасадата на Кралството Холандија во Република Северна Македонија во комплексот Лебедово езеро.
Во обраќањето до присутните, меѓу кои и амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп, градоначалникот Костадинов ги потенцираше приоритетите на општина Струмица од областа на заштитата на животната средина.
Правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско право. Неговото почитување значи услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Во тоа, најголема обврска има власта, централна и локална, но заштитата на животната средина треба да биде цел на сите граѓани, само така можеме да си обезбедиме здрави услови за живот, за нас и генерациите по нас.Заштита на животната средина како глобален проблем е голем предизвик за општина Струмица и за мене како нејзин градоначалник и таа е на високо место во нашите приоритети за следните 4 години во кои главниот акцент го ставаме на чистиот воздух и зелените површини и паркови, рече градоначалникот Костадинов.