Денеска се одржа 11-та конференција на Локалниот совет за превенција на која повторно се разговараше за бесправната сеча и трговија на дрвја на подрачјето на општина Струмица и труење на кучињата. Главен акцент беше ставен на проблемот со пустошењето на шумите, а заклучокот е дека тој проблем веднаш не може да се реши, меѓутоа може да се намали бесправната сеча и сите чинители во Советот се согласија за заеднички влог во решавањето на овој голем проблем.
Членовите на Советот констатираа дека труењето на кучињата е значително намалено со работата на Стационарот за бездомни кучиња „Лана“ во кој моментално се заловени 70 кучиња скитници. Ова значи дека Стационарот одлично функционира и ги дава првите позитивни резултати. Проблемот со ченчерите повторно беше ставен на дневен ред со заклучок за преземање на поригорозни мерки бидејќи применетите начела на превенција, опомена и благ прекршок во заедничката акција на СВР Струмица и девизен инспектор не дадоа резултати и проблемот се уште не е решен. За прв пат на денешната конференција на Локалниот совет за превенција имаше и претставници на Центарот за европски стратегии Евротинк од Скопје со кој на почетокот од оваа година беше потпишан Меморандум за соработка. Претставниците ќе учествуваат во креирањето и спроведувањето на идните планови преку истражувања кои што ќе ги вршат меѓу граѓаните за проблемите со кои се соочуваат, но и преку пренесување на европски практики во решавањето на локални проблеми, како што е на пример труењето на кучињата. Општина Струмица преку Локалниот совет за превенција е пример во државата во решавањето на актуелните локални проблеми со активно учество на претставници од локалните и државните институции и граѓаните. Од Евротинк го препознале тоа и побараа да соработуваат со Советот.