Започнаа годинашните карневалски свечености

Започнаа годинашните карневалски свечености

Со симболичното предавање на „клучот на градот“ од градоначалникот Костадин Костадинов на претседателот на Организациониот одбор на карневалот Александар Цицимов на свечена церемонија којашто се одржа пред Центарот за култура „Антон Панов“, започнаа годинашните карневалски свечености.

Дочекавме уште еден симболичен почеток на Струмичките карневалски свечености, кои цели осум дена, од денес па се до 1. март, ќе бидат наше добро утро, добар ден и добровечер, а Струмица ќе биде центар на светот, како што се вели во химната на Струмичкиот карневал. Токму затоа, со многу радост го предавам „клучот на градот“ во рацете на струмичките карневалисти кои „од среда до среда“ ќе бидат стопани на Струмица. Иако станува збор за симболика во ова примопредавање, сепак теба да се знае, дека и со клуч и без клуч, Струмица секогаш е отворена и гостопримлива за сите добронамерници од земјата и странство, рече градоначалникот Костадинов. По примопредавањето на клучот, во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ беше отворена изложба на карневалски маски на СОУ „Никола Карев“.