„НОВУС“ започна со реализација на проектот „Запознај ги твоите човекови права“

Здружението „НОВУС“ започна со реализација на проектот „Запознај ги твоите човекови права“ со финансиска поддршка од општина Струмица преку програмата G1 за поддршка на проекти и програми на здруженија и фондации за 2016 година. 

Политичката турбуленција која што во Македонија владее подолго време, а особено во локалните средини и сето тоа надополнето со различните толкувања на правните норми од јавноста, кои што внесуваат повеќе заблуда кај граѓанинот, од колку сигурност, ја иницираше потребата од имплементација на овој проект – граѓаните да ги запознаат своите права, каде и како да ги остварат, но и да бидат свесни за својата одговорност. Сметаме дека само граѓани кои што се информирани и активни, можат да бидат иницијатори за позитивни промени во општеството. Колку повеќе граѓаните се запознати со своите права, толку поголема свест ќе имаат за одговорност во општеството во кое живеат. Овој проект ќе се одвива во неколку фази. Прво ќе се реализираат работни средби со јавни и локални институции, училишта, НВО организации и високообразовни институции, потоа ќе биде организирана јавна дебата и обука, ќе биде реализирана герила кампања поврзана со правата на граѓаните, ќе биде изработен прирачник за непосредните механизми за остварување на правата на граѓаните, а исто така ќе биде изработена и веб алатка која што ќе биде поставена на нашата веб страна каде што граѓаните ќе може да пријавуваат евентуална повреда на нивните човекови права, изјави Горѓи Тасев од „НОВУС“.Од здружението додаваат дека во наредниот период својот фокус целосно ќе го стават на човековите права и говорот на омраза, а се отворени и за соработка, иницијативи и предлози кои што се од интерес за граѓаните.