Со дефиле на противпожарните возила со вклучени сирени и ротациони светла по улиците во градот, Територијалната професионална противпожарна единица на Струмица го одбележа 20 мај – Денот на пожарникарите на Република Северна Македонија.
Празникот на струмичките храбри и пожртвувани пожарникари им го честиташе градоначалникот Костадин Костадинов во кругот на единицата, а присуствуваа и членови на Советот на општина Струмица.
-Горд сум на нашите пожарникари посебно на ТППЕ Струмица затоа што пожарникар не е само оној којшто ќе ја облече униформата, пожарникар е оној којшто пожртвувано и прв се појавува секаде, дали кога станува збор за огнените стихии, дали кога станува збор за сообраќајни несреќи, или пак за проблеми со коишто се соочуваат граѓаните од секаква природа во секојдневието. Струмичките пожарникари покажале и докажале и во Струмица и во Македонија и во светот, а таков пример имавме со земјотресот во Турција каде што први од Македонија, дел од нашите пожарникари се упатија да дадат помош и поддршка на луѓето на коишто им беше најпотребна. Затоа, не само јас како градоначалник, туку цела Струмица и сите струмичани и струмичанки треба да бидат горди на ТППЕ Струмица, на тој начин прво покажуваме благодарност кон нив како луѓе и секако овде заедно со Советот после помошта којашто нашите луѓе ја дадоа во Турција, донесовме одлука со којашто пожарникарите и нивните семејства за по едно возило да бидат ослободени од плаќање на паркинг на територијата на општина Струмица, но сметак дека тоа не е доволно. Со воведувањето на јавниот превоз секој припадник на ТППЕ Струмица и нивните семејства ќе бидат ослободени од плаќање на било каков надоместок за користењето на јавниот превоз и ова не е доволно затоа што благодарение на овие луѓе нашите животи се многу посигурни и побезбедни, а со тоа и цела Струмица како град, рече градоначалникот Костадинов.
Командирот на ТППЕ Струмица Александар Гудев му врачи благодарница на градоначалникот Костадинов за континуираната поддршка којашто им ја дава на струмичките пожарникари.