Општина Струмица денеска со пригодна свеченост пред споменикот на Гоце Делчев на истоимениот плоштад ги одбележа Двата Илиндена.
Свежо цвеќе положија претставници на Советот на Општината, на Општинскиот одбор на Сојузот на борците и нивните следбеници, на политичките партии и локални институции.
За значењето на празникот зборуваше Елена Маѓеровска Паликарова член на Советот на општина Струмица.
-Бурниот македонски времеплов оставил во сеќавање бројни значајни датуми и настани кои добиле свое високо место во нашата богата историска ризница. Најзначајните од нив со црвена боја се забележани во календарот на македонскиот незаборав. Таа црвена боја е како бојата на македонскиот бајрак, црвена како крвта на јунаците и црвена како бојата на револуцијата и стремежот кон поубаво утре. Во тоа мноштво од празници испишани со црвено, сепак постои еден кој стожерно е исправен над сите останати. Тоа е денот над деновите, тоа е празникот над празниците, тоа е квасецот на нашата гордост. За Денот на Републиката станува збор, за тој преголем Илинден кој се задомил во нашите срца за да ги растреперува од возбуда на секој 2 Август, рече Паликарова.
Во чест на празникот, револуционерна поезија рецитираа членови на рецитаторската секција во Домот за деца и млади ,,Благој Мучето”.