Општина Струмица го одбележа Денот на независноста на Република Северна Македонија

Општина Струмица го одбележа Денот на независноста на Република Северна Македонија

Со пригодна свеченост којашто се одржа пред споменикот на Гоце Делчев, денеска беше одбележан Денот на независноста на Република Северна Македонија. За значењето на празникот зборуваше градоначалникот Коста Јаневски.

-Како вчера да беше, а еве веќе одбележуваме 29 години од оној 8.септември 1991 година.  Денес славиме 29 години – самостојност, 29 години – независност, 29 години сувереност и исто толку години стремеж кон поубавото утре. Осми септември е еден од тие датуми со кои премостуваме далечни и блиски временски дистанци.  Тоа е денот кога со право го прегрнуваме најбележитиот датум од поновата историја на нашата татковина. Тоа е денот кога нашата татковина , благодарение на волјата на нејзините граѓани, избори статус на независна држава.

Но овој ден не ни припаѓа само нам кои го паметиме, прославуваме и чествуваме, ниту на оние кои се родиле во овој безмалку тридецениски период. Овој ден им припаѓа и на генерации и генерации граѓани на оваа земја кои воопшто и не го дочекаа изгрејсонцето на самостојноста, особено на оние кои оставиле значајни белези на своето постоење, оние кои страдале, војувале и гинеле за ова парче македонска земја и со многу љубов кон родната грутка, силно верувале дека еден ден  сонот ќе им стане јаве.

Овој ден е и на Илинденците и на Асномците, ден на нашите дедовци и прадедовци, но и ден на се уште неродените синови и ќерки, внуци и правнуци кои ќе ја љубат татковината македонска,  како земја на своите корени, како земја на едно вчера , денес и утре, како земја на аманети кои треба да се исполнат. А главниот аманет отсекогаш бил и ќе остане „Да се чува, негува и надградува татковината, оти без неа  секој од нас е никој и ништо“, рече градоначалникот Јаневски.

Во чест на првиот Претседател на државата – Киро Глигоров, на првиот Претседател на Владата  – Никола Кљусев и на сите починати кои низ историјата дале свој придонес за слободата и независноста на нашава земја, беше положено свежо цвеќе, а членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.