Со возење велосипед градоначалникот Костадин Костадинов и општина Струмица, денеска, го завршија одбележувањето на „Европската недела на мобилност“ која годинава во цела Европа се одржува под мотото „Безбедни и здрави со одржлива мобилност“.
Во одбележувањето се вклучија голем број струмичани кои автомобилите ги заменија со велосипед, давајќи го својот влог во личното здравје и чистата животна средина.
-Стартот на оваа „Европска недела на мобилност“ го одбележавме со почетокот на инфраструктурните активности за изградба и одбележување на велосипедски патеки во Струмица во рамките на предвидената севкупна реализација на мега проектот „Струмица – Паметен вело град“, а со средства – донација од Европската Унија. Овојпат нема да ги повторувам нештата кои се однесуваат на огромните придобивки од овој проект, но би сакал да додадам само една реченица кон сето она што го споменав пред само неколку дена „До посакуваното место се стасува и со велосипед, ако умно си ја определил вистинската цел“. Струмица ја знае таа цел и граби напред кон своите нови европски вредности, рече градоначалникот Костадинов, кој заедно со средношколецот Јанко Мицев кој денеска беше Градоначалник на еден ден, ги возеја своите велосипеди.