Општина Струмица и оваа година ќе аплицира на Јавниот повик на Програмата – Општинско корисна работа којшто е финансиски поддржан од УНДП, а во партнерство со Министерство за труд и социјална политика на РСМ и Агенција за вработување. Општина Струмица од 2016 година учествува во оваа програма со проектот Лични и образовни асистенти на ученици со попреченост вклучени во редовен образовен процес. Целта на оваа програма е да го унапреди системот за обезбедување на социјални и здравствени услуги на локално ниво преку надополнување на постојните или воведување на нови услуги, како и да придонесе и за постепено вклучување на невработените лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд. Како и секоја година така и оваа пред да се аплицира на повикот, Координаторката на проектот од основните и средните училишта во Општина Струмица бара да се достави бројка на ученици со попреченост вклучени во редовен образовен процес (со наод и мислење за оцена на видот и степенот на попреченоста, како и потпишана изјава, односно согласност од родителот на детето за личен или образовен асистент).Во делот на испорачување на социјалните услуги личните асистенти ќе се грижат за учениците со попреченост додека се на училиште, за да можат ефективно да ја следат наставата и да имаат некој кој ќе им помага во извршување на личните потреби на ученикот. Додека образовните асистенти ќе им помагаат на учениците за време на часовите во училиштата, ќе работат на нивните училишни задачи и ќе им бидат од корист на стручните лица при реализација на посебни програми и воннаставни активности за децата со попреченост.