Започна 57-та Меѓународна струмичка ликовна колонија

Градоначалникот Коста Јаневски, синоќа во центарот за култура „Антон Панов“ ја отвори 57-та Меѓународна струмичка ликовна колонија.

Уметноста живее и треба да живее дури и тогаш кога светот се соочува со пречки кои го менуваат нормалниот тек на живеење. Во ова време – невреме кога пандемијата од Ковид – 19 влијае на расположението на граѓаните, група ликовни творци  со својот креативен набој, ќе се обидат да го привлечат вниманието на јавноста и да дадат до знаење дека уметноста е посилна од се.

И еве сме на почетокот на 57. Меѓународна струмичка ликовна колонија, која од денес до 20. август, ќе го разубавува летното струмичко секојдневие. Оваа колонија како најстара и најсодржајна творечка манифестација, не само во земјава туку и на Балканот, е несомнено една од носечките содржини на културниот живот на Струмица, па и пошироко.

Поради пандемијата, годинава ќе изостанат учесниците од странство, но затоа пак честа на македонското ликовно творештво, ќе ја бранат 14 уметници од нашава земја, кои  во услови на посебно пропишани протоколи, ќе остават свој творечки белег на колонијата. Но тоа не значи дека во целост е изгубен меѓународниот карактер на колонијата. Напротив, отворени се две изложби кои ја задржуваат таа интернационална нишка, а се поставени во двата изложбени простора на Центарот за култура „Антон Панов“.

На свеченото отворање присуствуваше и претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.