Со пригодна свеченост општина Струмица денеска ја одбележа 119-годишнината од убиството на борецот за македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Пред неговиот споменик на истоимениот плоштад за животот и делото на Делчев зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.
За жал, и по толку многу години од Гоцевата мисла: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“, тој останува неразбран за оние кои упорно водат недостоен натпревар за кавга меѓу народите. Делчев не може и не смее да биде „монета за поткусурување“. Тој, со своите социјалдемократски и визионерски погледи на светот, треба да биде пример за многу регионални политичари кои се претставуваат себеси за напредни Европејци, а всушност се скарани и со векот во кој живеат и со европските принципи.
Но, потребни се многу лопати за да се погребе вистината. Таа, кога тогаш, ќе излезе на површина. Дотогаш, ќе бидеме стрпливи, и ние и Делчев, рече меѓу другото градоначалникот Костадинов.