Општина Струмица ја одбележа 149-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Општина Струмица ја одбележа 149-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

,,Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“. Тоа е длабоката мисла која отсекогаш не потсетувала, не потсетува и ќе не потсетува на деецот кој е нејзин творец. Тоа е човекот кој не ја кажал таа мисла туку така, ами цврсто верувал во нејзината суштина и се надевал дека тој негов идеал ќе стане реална слика за светот и за односот меѓу нациите.

Тоа е човекот кој со своето социјалистичко убедување и револуционерен дух, во својот краток живот од само 31 година, оставил голем аманет и наследство за сите нас кои го почитуваме, негуваме и славиме неговиот живот и дело. Се разбира, станува збор за Гоце Делчев, најсветлиот лик намакедонското револуционерно движење и стожерот на вековниот сон за слобода и социјални права на граѓаните. Станува збор за ревносниот борец за раскинување на прангите од османлиското ропство и големио заљубеник во својата родна македонска грутка. Вербата во неговото разбирање на светот, треба и мора да ни биде водилка при нашето чекорење низ животот. Само така ќе успееме да го направиме светот по мерка на сите луѓе кои живеат во него. Денес, кога се почесто сме сведоци на поинаков натпревар меѓу народите, денес кога светот се соочува со низа опасности кои го загрозуваат неговиот нормален опстој, останува да се надеваме и да веруваме дека повторно ќе бидат возобновени условите за враќање на нарушените вредности кои ќе овозможат целосно исполнување на Гоцевата мисла. И кога денес зборуваме за него, кога го чествуваме неговиот живот и дело и кога се навраќаме на епизодите од неговото револуционерно минато, знаеме многу добро дека сето тоа не ќе беше можно без денот од пред 149 години, денот на раѓањето на Делчев, денот кој беше пресуден за испишување на многу светли страници од нашата историја.