Од денеска СОУ „Јане Сандански“ има нова спортска училишна сала со вкупна површина од 450 метри квадратни. Учениците и професорите добија современи услови за изведување на наставата по физичко образование. Салата во употреба ја пуштија градоначалникот Костадин Костадинов и директорката на училиштето Невенка Стојанова и е заедничка инвестиција на општина Струмица и СОУ „Јане Сандански“.
-Денеска е убав ден за средното училиште „Јане Сандански“ и уште поубав за цела Струмица. После 40 години нашата Гимназија добива училишна спортска сала каква што заслужува најстарото училиште во Струмица, училиштето кое низ годините наназад давало многу успешни луѓе и големи успеси, со кои сме горди и денешната администрација, јас како градоначалник и сите луѓе кои имале било каква допирна точка со Струмица. Посакувам уште многу таленти да даде гимназијата, уште многу спортски легенди како што е Владо Илиевски со кој веќе разговаравме, игралиштето на отворено да биде негова донација, во знак на благодарност кон училиштето коешто е најголем виновник за тоа што денеска е Владо Илиевски, не само струмичка, туку и македонска легенда. На професорите, на учениците, на целиот тим, кој што се погрижи оваа убава спортска сала да биде наша реалност, им честитам и посакувам да ни се множат успесите и во спортот и во спортската инфраструктура, оти Струмица веќе и нема училиште коешто не е реконструирано и во градот и во населените места, така да влегуваме во една нова етапа во модерната историја на Струмица, рече градоначалникот Костадинов.
Салата е со димензии 15 на 30 метри, а има и простор со гардероби, канцеларии за професорите и помошни простории-магацини за складирање и чување на реквизитите. Покрај активностите поврзани со физичкото образование на учениците од ова училиште во мали спортови како што се кошарка, одбојка, гиманстика, ракомет и слични други активности, оваа сала ќе служи и за одржување на натпревари.