Денеска во салата на Советот на општина Струмица се одржа Јавната презентација и Јавната расправа за Планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во општина Струмица за периодот 2025 -2029 година.
Планот го изготви Центарот за климатски промени во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Северна Македонија во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Струмица, а со финансиска поддршка од Шведска.
Во рамките на проектот, во изработка е и Студија за загадувањето во општина Струмица од страна на универзитетот „Гоце Делчев“ лабараторија „Амбиком“, а како последна фаза од целокупниот проект за справување со загадувањето се одржаа две форумски сесии на кои се изгласа проектот за зголемување на површини со зеленило, односно изградба на нов Парк во град Струмица кај новата детска градинка „Виножито“.
Зголемувањето на зелените површини во градските средини претставува еден од основните начини за намалување на загадувањето на воздухот. Постојат голем број на студии кои посочуваат дека зеленилото има позитивни ефекти во однос на намалувањето на азот диоксидот и PM честичките. Планското и наменско садење на зеленило може да го намали присуството на азот диоксид до 40%, додека намалувањето на PM честичките може да достигне 60%. Во урбаните средини, засадувањето и оддржувањето тревни површини, нискостеблести растенија и бршлени, популарно наречени зелени ѕидови, e исклучително корисно бидејќи зелените ѕидови ги апсорбираат ПМ честичките од воздухот.