Советот на Струмица донесе одлуки за буџетот, урбанизмот и јавните претпријатија

Советот на Струмица донесе одлуки за буџетот, урбанизмот и јавните претпријатија
Советот на општина Струмица ја одржа третата седница на која се усвоени предлог одлуки, решенија, програми и извештаи од повеќе области и јавни претпријатија, а во рамките на надлежностите на локалната самоуправа.
Поради поднесена оставка заради именување за директор на ЈПКД „Комуналец“, беше донесено решение за констатирање престанок на мандатот на Кире Синдраковски за член на Советот, а верифициран мандатот на Никола Андонов за нов член на Советот на општина Струмица.
Советниците ја усвоија предлог одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на општина Струмица за 2025 година, предлог програмата за дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови на подрачјето на општина Струмица за 2025 година и повеќе предлог одлуки од областа на урбанизмот.
На седницата беа усвоени и извештаите за работа на Јавните претпријатија „Паркиралишта – Струмица“, „Стационар – ЛАНА“, „Струмица – Гас“ и „Струмица – Транспорт“ за периодот од 01.01.2025 до 30.09.2025 година, како и предлог решенијата за разрешување и именување членови на Управните одбори поради истекување на мандат во дел од Јавните претпријатија, во градинката „Детска радост“ и Домот за деца и млади „Благој Мучето“ за кој беше усвоена и програмата за работа за 2026 година.
На третата седница на Советот се донесе и одлука за доделување парична помош на Горан Алиќ, Христина Атанасова и Анче Туфекчиева во висина од по 60.000 денари.