Заедничкиот Комитет за следење на Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија 2021 – 2027 година денеска одржа состанок во Домот на АРМ во Струмица, со што и официјално беше отворена Програмата. На состанокот присуствуваа градоначалникот Костадин Костадинов, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, програмската менаџерка за прекугранична соработка во Европската Комисија Габи Хагмулер, заменик министерката за регионален развој и јавни работи на Република Бугарија Десислава Георгиева и Зоран Димитровски заменик министер за локална самоуправа на Северна Македонија,
Во своето обраќање градоначалникот Костадинов рече дека за него и за општина Струмица е голема чест што овој состанок се одржува токму тука.
Би сакал, со гордост да изјавам дека општина Струмица долги години е дел од тимот на најинвентивните и најуспешните општини кои имаат реализирано бројни проекти во рамките на Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.Искрено се надевам дека во годините што следуваат односно во рамки на програмскиот период 2021 – 2027 заеднички ќе ја продолжиме успешната реализација на проекти финансирани од фондовите на Европската Унија и заеднички ќе приоднесеме за максимално исполнување на очекуваните резултати, како и на Приоритетите на Програмата кои се насочени кон позелен, поинтегиран и поразвиен прекуграничен регион. Во спроведувањето на ИПА Програмата за прекугранична соработка, заедно, во двете држави, во двата програмски периоди се реализирани 178 проекти во вкупна вредност од скоро 40 милиони евра, додека во новиот, трет програмски период, на располагање предвидени се над 30 милиони евра со фокус на проекти за интегриран развој, за развој на мали и средни претпријатија, како и изработка на туристички производи, но и за зелен регион и за управување со води.