Во Струмица денеска беше отворен научниот собир „70 години Институт за фолклор и 50 години фолклористичка дејност на Иван Котев“ во организација на Општина Струмица и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје. Учесниците на собирот ги поздрави и им посака плодна работа градоначалникот Коста Јаневски.
Зарем треба да се трошат зборови за значењето на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“,една од најстарите институции во нашава земја, кој веќе повеќе од седум децении ја бележи и следи состојбата во сите сегменти на духовната и материјалната култура на народното творештво, негувајќи и чувајќи едно огромно богатство, кое сведочи за длабочината на нашите духовни корени. Зарем треба да се трошат зборови за Иван Котев, еден од најеминентните македонски фолклористи на сите времиња, кој повеќе од половина век, макотрпно, посветено и со многу љубов, ги спаструва од заборав народните песни, приказни, поговорки, пословици, благослови, клетви и други народни бисери, претежно од струмичкиот регион, давајќи огромен придонес во збогатувањето на македонската фолклористика.Токму затоа општина Струмица со задоволство ја презеде улогата на соорганизатор на овој собир, рече Јаневски.