Градоначалникот Коста Јаневски со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и директорите и раководителите на надлежните општински и државни институции, изврши увид во опожарениот трговски центар „Глобал“. Пожарот којшто ноќеска пред полноќ избувна во „Глобал“ предизвика голема материјална штета. За мене е најважно што нема човечки жртви, се она што е материјално изгубено, јас се надевам и ветувам дека на некој начин со поддршка на Премиерот и на централната власт и со наши сили, мислам дека ќе го надокнадиме тоа.
Ваквите случувања никој не може да ги предвиди, секако едно искушение носи еден своевиден тест на којшто нашето општество треба да покаже колку е организирано, колку е солидарно, колку е подготвено да помогне. Овде луѓето изгубија материјални добри коишто цел живот ги создавале и не можеме да бидеме рамнодушни. Денеска се сретнавме со здруженијата на субјекти коишто работат во Глобал, тие веќе имаат свои видувања и ставови, да почекаме да заврши овој период на иследување, утврдување на причините за несреќата и проценката на штетите и ќе почнеме со соработка, со организација на она што се вика помош. Сакам да ја искажам мојата голема благодарност и признание на Територијалната професионална противпожарна едница Струмица, да се заблагодарам на нивната професионалност. Секако благодарност до општините коишто покажаа голема солидарност, брзо, ефикасно стигнаа и помогнаа на нашите ресурси. Тоа се ППЕ од Радовиш, Штип, Кавадарци и Валандово. Бев во контакт со градоначалниците, командирот со командирите на ППЕ. Така што мислам дека за ваков пожар, овие единици покажаа дека се доста обучени и професионални и за релативно кратко време го спасија она што можеше да се спаси во овој значаен објект за Струмица. Сега е време за солидарност, помош, заедничка заложба да им помогнеме на сите луѓе чии објекти претрпеа штета во пожарот и да им покажеме дека тие не се сами во овие исклучително тешки моменти за нив, рече градоначалникот Јаневски.