Градоначалникот Костадин Костадинов во пресрет на Денот на заштитниците на Струмица – Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици, денес проследи значаен културен настан, кој се одржа во рамките на Програмата на Општина Струмица за одбележување на овој празник.
Станува збор за промоцијата на каталогот „20 години галерија на икони, Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“. Во каталогот се опфатени најстарите и највредни икони, создадени во 18. и 19. век, кои до пред дваесет години се наоѓале низ црковните храмови во струмичкиот регион, а поради нивна заштита се сместени во галеријата на црквата „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“. Каталогот го подготви и издаде Националната установа „Завод – Музеј“ – Струмица.