40 струмички стопанственици ќе учествуваат на бизнис форум во Грција, преку кампањата Струмица отворена за бизнис. Центарот за локален економски развој на струмичкиот микро регион (Општина Струмица, Ново село, Босилово, и Василево) на 29 Јуни во Хотелот Capsis во Солун ќе одржи македонско – грчки бизнис форум на кој ќе присуствуваат 40 стопанственици од Струмица и грчки бизнисмени од Префектура Солун.
Под мотото “Струмица отворена за бизнис”, Центарот за локален економски развој ќе ги презентира инвестиционите поволности на четирите општини од струмичкиот регион при што на грчките стопанственици ќе им понуди конкретни локации за инвестирање во регионот. На презентацијата во Солун ќе се изврши и промоција на првиот македонски веб портал на стопански субјекти www.strumicaecoonomy.com.
Целта на средбата е подобрување на соработката меѓу стопанствениците од двете земји, воспоставување на нови деловни контакти како и промоција на Струмичкиот регион како интересна бизнис дестинација за Грчките бизнисмени.
Организацијата на настанот е поддржана од ГТЗ Редем и Сојузот на стопански комори од Македонска страна и “Thessaloniki Chamber of Commerce and Trade” и “Small industry Chamber of Thessaloniki” од Грчка страна..