Славје на 4.000 гледачи во салата „Парк“ во Струмица. Струмица го победи пореномираниот противник од Хрватска и ќе игра во натпреварите од второто коло од ФИБА Купот, против екипата од Локомотив Ростов – Русија. Градоначалникот и потпретседател на КК Струмица, Зоран Заев веднаш по натпреварот им ја честиташе победата на кошаркарите на Струмица.
Веднаш по натпреварот тренерот на КК Струмица Јовица Арсиќ за медиумите изјави :„Знаев дека не чека тежок натпревар. Екипата на Цедевита има многу добри поединци, многу квалитетен тим, клуб со многу поголем буџет, ама клуб кој нема ваква публика. Публиката направи извонреден амбиент и второто полувреме го одигравме над нашите можности. Многу ни помогна публиката, мислам дека беше нашиот најдобар играч“, Првото полувреме Цедевита го заврши со позитива од три коша, 36:33. Но во второто, публиката беше мотив за кошаркарите на Струмица да го свртат мечот и на крајот да дојдат до победа од шест разлика.
Ефтим Богоев постигна 23 коша, по 17 поени постигна Тасовски и Пуповиќ, 6 Бошњак, 5 Соколов, 4 Делиќ и 3 Латовиќ.
Кај Цедевита, Грејс беше најдобар со 19 поени, Римац постигна 10 коша, Дујмовиќ 11 и Чолак 7.
Кошаркарите на Струмица на 20-ти овој месец во салата „Парк“, ќе играат против рускиот тим Локомотив Ростов, реваншот е седум дена подоцна.