Градоначалникот Коста Јаневски, денеска, потпиша меморандум за учество на општина Струмица во Програмата за грантови за поддршка на партнерство на општините со граѓанските здруженија на УНДП. Преку оваа програма ќе се финансираат приоритетни проекти за потребите на жителите на општината, со посебно внимание на ранливите и маргинализираните групи. Во следните две години, УНДП на општина Струмица ќе и додели 120.000 евра за грантови преку јавни повици и конкурси.
Првите повици за грантови се очекуваат да бидат објавени во март 2018 година, со приоритет на проектите фокусирани на ранливите групи и на оние што промовираат родова еднаквост и човекови права, како и зајакнување на социјалната кохезија и заштита на природата. Струмица е меѓу петте општини избрани врз основа на поголем број утврдени критериуми, вклучително и географскиот диверзитет. Како еден од условите за учество во програмата беше и обврската на општината да обезбеди кофинансирање за грантовите и да гарантира транспарентност и отворен, конкурентен процес при финансирањето на граѓанските здруженија. Според Постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија, целта на програмата е општините да работат заедно со граѓанските организации за да изградат поинклузивни заедници.