Општина Струмица – успешна приказна во искористувањето на ИПА фодовите

Денес во кабинетот на градоначалникот Коста Јаневски се одржа прес конференција на тема „Општина Струмица и европските фондови“, на која беа презентирани наодите од анализата „Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво“, во рамките на проектот „Локален консултативен механизам ИПА2“, спроведуван од НВО Инфоцентар и Организација на жени од Струмица, а финансиран од Европската Унија.  Презентирајќи ги наодите од анализата, извршната директорка на НВО Инфоцентар, Билјана Бејкова, истакна дека Општина Струмица е успаешна приказна во тој домен, а градоначалникот Коста Јаневски направи рекапитулација на проектите реализирани во изминатиот период. Тој во своето обраќање истакна:

„Го имам задоволството, како градоначалник на општина Струмица, да бидам дел од оваа прес конференција,  која има за цел – презентација на наодите од анализата  „Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво“  во рамките на проектот „Локален консултативен механизам ИПА2“ кој го спроведуваат НВО Инфоцентар од Скопје и Организацијата на жени од Струмица, а е финансиран од  Европската Унија. Струмица ја има среќата да биде дел од таргет општините на овој проект, во кој се вклучени и градот Скопје, Битола и Тетово. Бидејќи прес конференцијава е насловена „Општина Струмица и европските фондови“, во оваа прилика, сакам накусо да ве потсетам на дел од  проектите во нашава општина кои се реализирани од овие фондови, притоа потенцирајќи дека  Општина Струмица е позитивен пример за останатите, во поглед на искористеноста на ЕУ – фондовите за прекугранична соработка. Од ИПА 1 програмата на Европската Унија, за програмскиот период 2007 – 2013 година, вреди да се издвојат три реализирани проекти. Еден од нив е „Ефикасно користење на соларната енергија за подобра иднина“, како проект за прекугранична соработка  со Република Бугарија, од чиј вкупен буџет, на Општина Струмица и припаднаа 189.974 евра за негова реализација. Тука е и проектот „Развој на алтернативни форми на туризам – Податоци за туризам“, како проект за прекугранична соработка со Република Грција, во кој за реализација на истиот  Општина Струмица доби 134.160 евра од вкупниот буџет. Внимание заслужува и проектот „Заштита и промоција на природното и културното наследство во прекуграничниот регион на општина Струмица и општина Кукуш – НАСЛЕДСТВО“,  како проект за прекугранична соработка со Република Грција, при што од вкупниот европски буџетски „колач“ за овој проект, на Општина Струмица и припаднаа 324.659 евра. Во ИПА 2 , како дел од програмскиот период 2014 – 2020 година, Општина Струмица ќе го спроведува проектот „Промоција на туризмот и културата“ во рамките на првиот повик од Програмата за прекугранична соработка  со Република Грција.Се разбира, секогаш може повеќе и подобро.  Поголемото вклучување во иднина на човечките ресурси во поглед на изготвувањето на издржани проекти,  стратешката рамка за локален економски развој за периодот 2016 – 2020 год.  и унапредувањето на соработката со граѓанскиот сектор, ни дава за право да веруваме дека во наредниот период ќе ги подобриме капацитетите за искористување и програмирање на ИПА фондовите на локално ниво.

Во тој поглед, секако ќе ги имаме во предвид клучните наоди и препораки кои произлегуваат од овој аналитички извештај, кој се однесува на општина Струмица“.