Во работна посета на општина Струмица, денеска, престојуваше министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски. По работната средба со градоначалникот Коста Јаневски на која се разговараше за реализацијата на заедничките проекти на општината и министерството од областа на инфраструктурата, беше посетена реконструираната делница Дабиле – Хамзали на регионалниот пат Струмица – Берово.
Во изјавата за медиумите, градоначалникот Јаневски, потенцираше дека соработката со министерството за транспорт и врски е на високо ниво и ќе се реализираат неколку проекти кои директно ќе влијаат врз економскиот развој на општина Струмица. Тоа се многу значајни проекти, патот на кој што се наоѓаме Струмица – Берово, патот кој што е реконструиран од Струмица до Валандово, реконструирање на патот од Струмица до границата со Република Бугарија, транзитниот пат кој што треба да ја обиколува Струмица, се се тоа важни и значајни проекти кои на општина Струмица ќе и овозможат една подобра комуникација со сите соседни региони и држави околу нас, така што тоа е една добра визија и добар правец во кој што се движиме. Од аспект на општина Струмица, мене посебно ми е значајна изградбата на канализационите системи во населените места Просениково и Дабиле, посебно се радуваме на тие проекти и во најскоро време ќе почне изградбата, тоа ни беше приоритет и во нашите програми, приоритет и на граѓаните во нашите средби со нив. Паралелно со овие проекти во кои иницијативата ја водат надлежните министерства, општина Струмица и на локално ниво има проекти кои ги сметам за значајни, пред некое време се пуштија два значајни локални патишта и тоа Муртино – Еднокуќево и Куклиш – Градско Балдовци, исто така во тек се и проектни документации за каналите Крушевска Република и Свети илијски порој кои им создаваат неприлики на граѓаните, се планира и асфалтирање на над 30 улици во населените места и други проекти кои се многу значајни и ќе ги најавиме во друга прилика, рече Јаневски. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, информираше дека е завршена реконструкцијата на делници од патот Струмица-Берово. Двете делници од село Дабиле до Хамзали и од Берово до село Ратево се со вкупна должина од 8,2 километри за што се потрошени 1,6 милиони евра. Тој потенцираше дека од страна на централната власт, а во сорабтка со локалната, во Струмица и Струмичко во наредниот период ќе бидат реализирани повеќе проекти. На делницата Дабиле – Хамзали, беше и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов. Тој рече дека во Струмица по десет години за прв пат е реконструиран еден патен правец, а најави и изградба на други значајни сообраќајници во Струмичкиот регион. Според него, за десетина денови ќе почне тендерската постапка за проектирање на патот од Струмица до село Дабиле во должина од 2 километри, кој ќе биде со четири ленти, затоа што овој патен правец е едно од најтесните сообраќајни грла во државата. Во тек е и постапката од Светска банка за рехабилитација на 12 патишта во цела Македонија, во кои влегува и патниот правец Струмица-граничен премин со Бугарија кој што ќе биде експресен пат, обиколница на Струмица, ново валандовско брдо, обиколница на Валандово со приклучување на автопатот А10. Тоа ќе значи побрз проток на стока од Бугарија и овој регион со коридорот 10 и голем благодет за граѓаните од овој дел на државата.