Годинава го имавме најдолгиот и најмасовниот досега Струмица опен фестивал. Како организатори со задоволство можеме да кажеме дека сите активности од 4 јули па се до вчера, поминаа во најдобар ред благодарение на искуството на нашиот тим, бројните волонтери и одличната соработка со општинските институции, рече на денешната прес конференција Томи Печков од здружението „Културно забавен живот“.
Буџетот за целосната двомесечна забавна, спортска и културно- уметничко програма годинава изнесува над 220 илјади евра, односно над 13.530.000 денари. Во делот на сите седум години од постоењето на манифестацијата, општина Струмица е главен покровител. Како што е праксата низ годините Советот на општина Стрмица издвои 50 илјади евра за поддршка на настаните на годинашново издание на Струмица опен фестивал. Годинава фестивалот беше поддржан и од министерството за култура за дел од настаните од национален интерес, додаде Печков.