Општина Струмица ги одбележа Денот на народното востание и Денот на борецот

Со пригодна свеченост која што се одржа пред Споменикот на Револуцијата во градскиот парк, денеска, беше одбележан 11. Октомври – Денот на народното востание на Македонија и Денот на борецот. За значењето на празникот зборуваше градоначалникот, Коста Јаневски. Секој празник е достоен за празнување затоа што претставува  сведоштво за дел од нашата историја, а сите оние кои биле носители на значајните датуми од таа историја заслужуваат вистинска почит и чествување.

Токму затоа, повторно сме собрани пред Споменикот на револуцијата, за да го одбележиме денот денешен, денот празничен, денот – потврда на македонскиот непокор. Денес со гордост го празнуваме Денот на востанието на Македонија и Денот на борецот, за да се поклониме пред  никулците на слободата, во чии благодети сите ние денес уживаме. Денес се навршуваат 77 години од оној 11. Октомври 1941 година, кога пукна првата македонска пушка против најголемото зло на човештвото, наречено фашизам. Се случи тој ден,  во време на потполна доминација на фашистичките војски на сите можни фронтови во прегазената Европа и Северна Африка, и во услови на неспоредлива надмоќ во оружје, воена техника и жива сила. И токму тука се покажал осведочениот факт, дека  за  справување со оковите и неправдите, не постои ниту формула ниту дефиниција, туку само љубов, верба и незгаслива жед за слобода. Се случи тој голем 11. Октомври, како нешто помеѓу сонот и јавето, како доказ за големиот дух на малата Македонија. Се случи Прилеп, ден потоа и Куманово, на чии истрели им претходеа неколку диверзантски акции во Скопје, Велес и Битола. Тоа беа настаните предвесници на другите случувања кои ја одбележаа четиригодишната Народноослободителна и антифашистичка војна на Македонија, која резултираше со конечно ослободување на татковината, рече градоначалникот Јаневски. Пред споменикот беше положено свежо цвеќе, а беше изведен и рецитал од членовите на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“.