Се одржа инфо ден со граѓанските организации за поднесување предлог проекти

Во домот на АРМ денеска се одржа инфо ден со претставниците на граѓанските организации по објавениот Јавен повик од општина Струмица во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD). Целта беше граѓанските организации да ги добијат потребните информации за поднесување на предлог проекти.

Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD) е финансирана од Европската унија и ја спроведува  Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во шест земји/територии од Западен Балкан. Проектот ќе трае до јануари 2020 година и ќе има за цел јакнење на партиципативната демократија и процесите за интеграција на земјте од Западен Балкан во Европската Унија преку јакнење на граѓанското општество за негово активно учество во процесот на денесување одлуки. Општина Струмица и проектот ReLOaD ги повикуваат сите граѓански организации во земјава да поднесуваат предлог проекти кои се доследни на развојните цели на општина Струмица и со кои се опфатени следните приоритетни области: вработување и претприемништво, туризам и негување на културното наследство, социјална заштита, заштита на животна средина и родова еднаквост и човекови права Износот на средства за одобрени проекти ќе се движи од 307.000,00 до 1.845.000,00 денари.. На граѓанските организации им е дозволено да поднесат повеќе од еден предлог проект, доколку вкупниот доделен износ не надминува 3.690.000,00 денари за целото времетраење на проектот ReLOaD (јануари 2020). Општина Струмица и УНДП го задржуваат правото да не ги доделат расположливите средства доколку предлог проектите не ги исполнуваат зададените критериуми. Проектите може да бидат со времетраење од 6 до 8 месеци. Избраните проекти мора да се спроведат во периодот од јануари 2019 година заклучно со август истата година.