Струмица домаќин на петтиот меѓународен симпозиум по археологија

Во хотелот „Сириус“ синоќа беше отворен петтиот меѓународен симпозиум по археологија. Учесниците и гостите ги поздрави градоначалникот, Коста Јаневски. Ми претставува чест и големо задоволство, од мое лично име, од името на Општина Струмица, но и од името на моите сограѓани, да го поздравам отпочнувањето на петтиот меѓународен симпозиум по археологија, на тема „Култ, мит, религија“,

во организација на Националната установа – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица. Особено сакам да ве поздравам Вас – учесниците на овој симпозиум, еминентните археолози, антрополози и историчари од Германија, Италија, Турција, Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија, и да ви посакам срдечно добредојде во нашиов град. Се надевам дека престојот во Струмица ќе ви претставува задоволство, меѓу другото и поради фактот што овој наш град и општина, но и неговото поблиско опкружување, е познато по бројните археолошки локалитети и откритија кои се од непроценливо значење за севкупното културно-историско минато на Струмица, Македонија и Балканот, рече градоначалникот Јаневски