Се одржа првата сесија од Буџетскиот форум во општина Струмица 2018/2019

Во големата сала на домот на АРМ синоќа се одржа првата сесија од Буџетскиот форум во општина Струмица 2018/2019 година. Целта на овој форум е да се зголеми учеството на граѓаните во процесот на креирање и реализација на буџетот на општината и зголемување на транспаретноста на општината. На првата буџетска форумска сесија, присутните имаа можност да се запознаат со процесот на буџетирање и структурата на буџетот на општината, како и со реализираните приоритети за развој на општина Струмица за 2018 година.

Во своето обраќање, градоначалникот Коста Јаневски потенцираше дека креирањето на општинските политики заедно со граѓаните, неминовно ќе ги даде посакуваните резултати. Оваа прва буџетска форумска сесија е само една од важните алки со кои ќе го заокружиме ланецот, односно целокупниот процес на партиципативното креирање на Буџетот на Општина Струмица за наредната 2019 година. Се разбира Вашата улога во тој процес е многу значајна, бидејќи сте важни чинители за успешно продолжение на добрата пракса, вие-граѓаните да креирате општински политики по Ваша мерка, водејќи се од барањата и потребите кои се дел од Вашите согледувања за  секојдневното  битисување на нашата општина. Како резултат на тоа, убеден сум дека од Вас ќе произлезат бројни размислувања, предлози, сугестии, кои секако ќе бидат земени во предвид и ќе имаат едно од клучните значења во процесот на едно сериозно и одговорно буџетирање. Преку оваа и останатите четири форумски сесии од овој добро осмислен форумски процес, ќе имате убава можност одблиску да се запознаете со структурата на Буџетот на Општина Струмица, на тој начин што во текот на тој процес, низ една интерактивна форма на делување, ќе учествувате во партиципативното креирање на истиот, при што ќе одлучите каде и за какви намени ќе бидат потрошени Вашите пари.  Нема поубаво нешто од тоа , кога јас како градоначалник, заедно со Советот на општина Струмица, структурата на општинската администрација, локалните институции, и месните и урбаните заедници, заеднички соработуваме за доброто на општината и на сите нејзини граѓани. Убеден сум дека по завршувањето на целиот процес, односно на петте форумски сесии, сите заедно ќе си подадеме рака, во знак на задоволство дека сме завршиле одлична работа за нашата заедничка општина. За крај, не можам а да не го споделам со Вас моето огромно задоволство, од фактот дека Општина Струмица по шести пат спроведува Буџетски форум во рамките на Програмата- Форуми во заедницата, но за прв пат тоа го прави самостојно, без надворешни партнери и соработници. Тоа само укажува на капацитетот што го поседува Општината и на фактот дека сме кадарни, посветени и професионални, успешно да опстоиме пред сериозниот предизвик, рече градоначалникот Јаневски.